Преку Абердин до шпиц на Македонија

12.08.2022 19:13

Според цената, Бојан Миовски не тежи колку Барди или Чурлинов, но успеа да се докаже доволно за да игра фудбал на островот, што не е мала работа иако не е во Англија, туку во Шкотска.

Пласманот на европското првенство, победите над Германија и над Италија, како и баражот со Португалија, носат полза и во клупската кариера на играчите. Впрочем, придонесот за  играта и за резултатите на репрезентацијата е патриотска должност и желба, но и шанса за сопствен личен напредок.

Според цената, Бојан Миовски не тежи колку Барди или Чурлинов, но успеа да се докаже доволно за да игра фудбал на островот, што не е мала работа иако не е во Англија, туку во Шкотска. По само три натпревари за реномираниот Абердин, македонскиот репрезентативец ги подгреа надежите на стручниот штаб и на навивачите дека може да биде значаен фактор во тимот којшто е во сенка на Глазгов и на Селтик. Тренерот Гудвин смета дека инвестицијата од половина милион фунти за Миовски е вистински чекор во кадровската политика на клубот и дека Македонецот може да биде дури и најдобар стрелец во шкотскиот шампионат.

„Со Сент Мирен имаше четири шанси и даде два гола. Ако продолжи така, ќе се изнадава голови“, убеден е Гудвин, кој објасни дека цел на Миовски е да биде прв напаѓач на Македонија, а цел на Абердин е да му помогне во желбата. За сите тоа ќе има одличен ефект.