Шкупи на праг на историја, Шкендија беше достојна
Шампионската титула на Шкупи му овозможи привилегија којашто според натпреварувачкиот систем на УЕФА воспоставен неодамна, значи дека со една мината рунда во квалификациите од Лигата на шампионите, македонскиот првак може да игра во групна фаза на Конференциската лига.

Статистиката точно ги собира, а понекогаш нереално ги интерпретира податоците во која било сфера. Шкупи има една победа, а Шкендија нема пораз во шесте европските натпревари летово, но тетовскиот тим го заврши настапот, а чаирскиот е пред долга интернационална есен.
Шампионската титула на Шкупи му овозможи привилегија којашто според натпреварувачкиот систем на УЕФА воспоставен неодамна, значи дека со една мината рунда во квалификациите од Лигата на шампионите, македонскиот првак може да игра во групна фаза на Конференциската лига. Шкендија немаше можност да менува натпреварувања според рангот од горе надолу, па првиот пораз, макар и на пенали, за неа донесе крај на учестовото во континентални рамки. Со три победи и три нерешени, тетовци паднаа на третата пречка, затоа што во двомечот со АИК немаа среќа и потребна ментална цврстина за да издржат во пенал-рулетот.
Шкупи, пак, објективно имаше посилни противници, па откако беше елиминиран од Динамо Загреб во второто претколо на шампионската конкуренција, не успеа да му парира ниту на Шамрок, но со оглед на дополнителните шанси заработени со ланскиот шампионски трофеј, ќе игра бараж за влез во УЕФА Конференциската лига. Пред него ќе се најде косовскиот претставник Балкани, според сите споредби со помал рејтинг од нашиот тим. Балкани е првпат во европските купови, но со помош на асистентот во стручниот штаб, поранешниот македонски фудбалер Артим Положани, се радуваше над Жалгирис, над Ла Фиорита од Сан Марино и над Ки Клаксвик од Фарски острови, вчера по изведувањето пенали. Шкупи конечно нема долго да патува и веројатно првпат по двомечот со Линколн ќе ја има фаворитската улога. Никогаш ништо не е сигурно, но со потврден статус на терен, Македонија вторпат ќе има екипа во групна фаза.
