Велес: Водите на Езеро Младост и градскиот базен се епидемиолошки исправни
Од повеќето рекреативни центри, каде велешани ги минуваат летните денови, само водите на градскиот базен и на Езеро Младост се исправни за рекреација, водите на реките Вардар, Тополка и Бабуна се бактериолошко контаминирани…

Водите во Езерото Младост и во градскиот базен се исправни за капење и рекреација, додека реката Бабуна и реката Тополка, во нивниот долен тек не се за капење, како и Вардар низ Велес оти се бактериолошки загадени. Ова се резултатите кои ги објави Центарот за јавно здравје Велес, кој го испитува квалитетот на водите и се однесуваат на измерените вредности во месец јули.
„Следењето се врши со санитарно хигиенски увиди на локалитетите кои се од здравствен интерес и се користат за рекреативна намена. Само водите на Езеро Младост и водите на градскиот базен се епидемиолошко сигурни. Тие можат да се користат за капење и рекреација“, велат од Центарот за јавно здравје Велес.
Река Бабуна, во нејзиниот долен тек не е дозволена за капење. Следењето на квалитетот на водите се врши на едно мерно место наречено „Прва плажа“, кај фудбалското игралиште. Водите на река Бабуна се во трета класа по бактериолошка контаминација. Испитување на квалитетот на водите на река Вардар кај Велес се врши на две мерни места, на влезот кај мостот на Башино село и на излезот кај Долни Дуќани. Анализите покажуваат дека водите се во четврта класа по присуство на амонијак и бактериолошка контаминација, и истите не треба да се користат за капење, рекреација и наводнување. Реката Тополка во долен тек, пред вливот во река Вардар е во трета класа по бактериолошка контаминација и не треба да се користи за капење.
Испитувањата на квалитетот на водите од Езеро Младост се врши на четири плажи и сите тие одговараат на бараните микробиолошки критериуми.
Петар Печков
