Масакр во Цетиње: Безбедносниот и здравствениот систем потфрлија, велат црногорски новинари за МТВ
Тридневна жалост во Црна Гора по масакрот во Цетиње во кој жител на градот усмрти 11 луѓе. Неколкумина повредени се борат за живот. Очевидци не можат да поверуваат дека вакво нешто можело да се случи во нивното место. Колеги-новинари за МТВ анализираа дека потфрлиле и безбедносниот и здравствениот систем поради тоа што убиецот претходно се лекувал и неколкупати бил пријавуван во полицијата за закани и напади…

Испукал над 200 куршуми од ловечкиот карабин и не помислувал да го запре овој крвав поход. Откако ја убил потстанарката со нејзините две малолетни деца како и пријателот на нејзиниот сопруг кој тој го испратил за да се разбере со него, Вук Бориловиќ продолжил да дивее по елитната населба Медевина убивајќи буквално кого сака, вели за МТВ колегата од Црна Гора, Тихомир Бурзановиќ. Трагедија е што немало ниту еден полицаец да го спречи. Потфрлил системот целосно, вели Бурзановиќ бидејќи убиецот претходно се лекувал и неколкупати бил пријавуван во полицијата од сега починатите поради напади и закани.
Колега Бурзановиќ, Црна Гора доживеа невидена трагедија, се дознаа ли причините?
„Може да се каже дека овој настан бил наговестуван на некој начин бидејќи семејството кое е убиено сега повеќепати го пријавувало Вук Бориловиќ дека ги напаѓа, дека им се заканува, на што црногорската полиција, односно Одделението за безбедност од Цетиње не реагирале. Има сознанија дека тој бил лекуван поради психички проблеми, што укажува дека затаило и здравството. Тоа што во овие моменти го очекува црногорската јавност е министерот на полицијата господинот Аџиќ да поднесе оставка, како и директорот на полициската управа господинот Брѓанин, токму поради ваквиот несфатлив несекојдневен пропуст и невиденото, би рекол регионално масовно злосторство во последните неколку децении.“
Од кого се бара одговорност?
„Со оглед на големината на злосторството, односно огромниот број на жртви, бројка која сè уште не е дефинитивна, бидејќи три лица се во тешка здравствена состојба, итно се оперирани и се борат за својот живот, па може да се зголеми, очекувањето е и премиерот Дритан Абазовиќ поради тоа што избрал вака неспособни министер на полицијата и директор на управата за полиција да си поднесе оставка. А со оглед на тоа што неговата влада ќе биде на испит на 19-ти август во Собранието, можеби е подобро тие да не го чекаат исходот од гласањето туку целиот негов кабинет да си поднесе оставка поради овој масакр во Цетиње“.
Дека во Цетиње било хаотично, сведочи колешка која дошла да снима други содржини, ама останала вчудовидена.
„Се слушаа пукотници, мажи и жени трчаа наоколу исплашени, сешто се зборуваше. Видов многу плач, солзи, тага. Чудење и неверување гледав цела вечер, неверување дека ова може да се случи во нашето Цетиње“, вели Милена Станојевиќ, новинарка во Радио Црна Гора.
Во Цетиње се пребројуваат настраданите, колку од нив ќе преживеат бидејќи се стравува дека бројката на починати може да се зголеми. Сите очи се вперени во болниците каде се згрижени повредените меѓу кои и еден полицаец.
„Во болницава констатиравме смрт кај две лица, едно машко и едно женско. Други две женски и едно машко лице откако беа згрижени овде беа упатени во Клиничкиот центар во Подгорица. Две лица се хоспитализирани во нашата установа и се вон животна опасност. Еден пациент со лесни телесни повреди е пуштен на домашно лекување“, изјави Иван Ивановиќ, директор на болницата во Цетиње.
Началникот на црногорската полиција Зоран Брѓанин потврди дека починале 11 лица меѓу кои и две деца на возраст од осум и 11 години. 34 годишниот Вук Бориловиќ бил подготвен на уште поголем масакр доколку не бил спречен од соседот Ненад Калуѓеровиќ, кој го застрелал, нешто што го потврди и дежурниот обвинител на Црна Гора. Засега Калуѓеровиќ не е уапсен и сè уште не е јасно како ќе се квалификува неговото дело.
Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост.
Фиљана Кока
