Потпишан договор, во земјава ќе се произведува електричниот автомобил „е.ГО“
Потпишан договорот за реализација на инвестицијата од 130 милиони евра за производство на електрични автомобили во земјава. Фабриката ќе се гради во тетовската индустриска развојна зона на површина од 60 илјади метри квадратни метри и ќе вработува 890 луѓе. „е.ГО“ е компанија за електрични возила со седиште во Ахен, основана во 2015-та, а првите примероци од нејзините погони беа испорачани во мај 2019-та година …

Електрични возила „Made in Macedonia“. Ова е најновата странска инвестиција од Германија која во бесцаринска зона Тетово ќе гради фабрика за автомобили „е.ГО“ на електричен погон. Годишно ќе се произведуваат 30 илјади возила наменети за домашниот, европскиот и светскиот пазар. Ќе се вработат околу 1.000 работници, со просечна плата од 1.300 евра.
„Наш фокус е купувачите да можат да си го дозволат возилото. Производството тука ќе биде целосно. Автомобилите што ќе се произведуваат во Македонија ќе бидат произведувани од почеток до крај локално, а потоа ќе се продаваат не само на домашниот пазар, туку и во странство. И тоа е економската вредност што ја носи фабриката во земјава“, вели Али Везваеи-генерален директор на „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“.
Инвестицијата е вредна 130 милиони евра со најнова технологија за целосно роботизиран производствен процес.
„Главната идеја на е.ГО е да се обезбеди одржливост за секојдневниот урбан живот и да ни овозможи на сите да се приклучиме на одржливата мобилност. Развивме начин за изградба на автомобил со користење на неколку материјали како во воздухопловната индустрија. Материјали што се издржливи и одржливи“, нагласи Ерго Вардееји, менаџер во компанијата.
Инвеститорите се надеваат дека цената на електричниот автомобил ќе биде поприфатлива за македонските потрошувачи. Нема да ја загадува околината и за првпат со технологија на неколкучасовно полнење на батеријата со полнач за мобилни или со сончева енергија.
„Во е. ГО развиваме иновации и технологии за обезбедување најоптимална енергетска ефикасност. Да речеме, за производ на е.ГО, соларниот кров на куќата е доволен за погонот на автомобилот. Се разбира ќе ви бидат потребни соодветни приклучоци за тоа. Е.ГО доаѓа со модерен концепт на батерија за која не е потребна дополнителна инфраструктура. Добивате приклучок со автомобилот што можете да го приклучите на полначот за вашиот мобилен телефон или Ајпод и по неколку часови батеријата е целосно наполнета и ќе можете да го возите автомобилот“, објаснува Везваеи.
По Германија и Бугарија, Македонија ќе биде трета држава каде целосно ќе се произведуваат готови автомобили.
За две години треба да почне првото производство на електрични автомобили. Менаџментот најавува дека ова е само е почеток и дека постојат развојни планови да донесат и американски партнер за производство на батерии за електричните возила, со што во земјава би се заокружил целиот производствен процес.
Ирина Гелевска
