21 година Рамковен договор, државниот врв оценува дека договорот ги оправдува целите
21 година Рамковен договор. По повеќе од две децении, државниот врв оценува дека договорот ги оправдува целите. Според претседателот Пендаровски, се изградил модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачувала мирот и стабилноста. За власта, актот предизвикал прогресивна трансформација за социјална кохезија. ВМРО-ДПМНЕ се согласува дека има придобивки, но оти не е време за прослави...

„Точно дека Тетово е македонски град и никој нема да го земе. И ќе остане македонски град! И сите заедно треба да се вратиме да живееме со нашите пријатели кој и да било, дали Албанец, Турчин, Влав, Србин или Македонец“, рече поранешниот претседател на Македоноија, Борис Трајковски.
Крај на конфликтот и нов момент на соживот! Ваква беше замислата на потпишаната рамка. Преговорите беа финализирани на 10 август 2001, а три дена подоцна, во претседателската вола беше потпишан Рамковниот договор. Потпис ставија тогашниот Претседател Борис Трајковски, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП, Љубчо Ѓоргиевски и Бранко Црвенковски, Арбен Џафери и Имер Имери. Договорениот модел за соживот, го потпишаа и специјалниот претставник на Европската Унија, Франсоа Леотар и претставникот на САД, Џејмс Пердју.
21 година подоцна, актуелниот државен врв смета дека договорот ги оправдува целите. Претседателот Пендаровски вели дека по потпишувањето на овој документ, земјава се движи напред.
„Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците“, напиша Пендаровски.
Првиот Потпретседател на Владата и министер за Политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби по повод годишнина од потпишувањето на Охридскиот мировен договор упати честитки до сите граѓани на земјата, потсетувајќи на временските констелации кои доведоа до потпишувањето на овој правен акт и важноста од неговото спроведување за перспективата на демократскиот развој на земјата.
„Пред 21 година, со потпишувањето на Охридскиот мировен договор во земјава, конечно ќе почнеше да исчезнува маглата од идеологиите на омраза, надмоќ, дискриминација, деструктивни предрасуди за здравата перспектива на иднината што ја зафати нашата земја. Денес сите сведочиме за револуцијата на прогресивна трансформација што овој правен акт ја предизвика во регулирањето на државата преку воспоставување на неопходните вредности на мир, еднаквост, консензуална демократија и социјална кохезија“, вели Груби.
ВМРО-ДПМНЕ се сложува дека Рамковниот договор донел големи придобивки за државата, но потсетуваат оти не е време за трошење големи пари за прослава.
„Она што Рамковниот договор не можеше да го предвиди е што после него ДУИ, една политичка елита, 20 години на власт продолжува да го краде сопствениот народ“, нагласи пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Миле Лефков.
Државата во изминатите две децении се издигна над поделбите, во општество пример за соживот, толеранција, социјална правда, еднакви можности за сите граѓани, велат во соопштение од СДСМ.
„Тој е патоказот кон стабилната иднина, документ кој ги отвори вратите кон евроинтеграциите на државата и пример за надминување на поделбите“ се вели во партиското соопштение.
Рамковниот договор донесе мир, поправична застапеност на заедниците во општествениот животот, но животот на граѓаните остана тежок. Финансиите и правдата остануваат најголем предизвик.
Катерина Топалова
