Македонија

Оризопроизводителите од кочанско излегуваат на протест

14.08.2022 09:40

Оризопроизводителите од кочанско бараат откупна цена на овагодинешниот род од 40 до 45 денари за килограм арпа. Велат дека актуелните откупни цени се на половина од производната цена на оризот и до колку не се постигне бараната откупна цена, оризовите полиња догодина ќе останат непосеани…

Наместо подготовка за жетва, оризопроизводителите се подготвуваат за протест. Незадоволни од игнорантскиот однос од надлежните, најавуваат целосна блокада на патот Штип – Кочани. Бараат да се утврди производна цена на килограм оризова арпа, под која откупувачите нема да смеат да откупуваат.

Поддршка имаме од лозарите, тутунарите и градинарите, вели оризопроизводителот Здравко Арсов и додава дека високите производни трошоци и ниските откупни цени се проблем за скоро сите земјоделски производители.

Целосната блокада на магистралниот пат Штип – Кочани кај Облешево е најавена од вторник, 16-ти август со почеток во десет часот и ќе трае сè до исполнување на барањата на оризопроизводителите.

Славица Величковска