Мицкоски: Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа за промена на Уставот, ќе ја напуштам политиката
„Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и под овие услови се промени Уставот, тогаш јас ќе си заминам и ќе ја напуштам политиката“, изјави партискиот лидер, Христијан Мицкоски. Според него, најавите за отворање нов бугарски клуб во земјава се нови провокации кои ќе продолжат. Штом Собранието ќе продолжи со работа, ќе предложат закони за ублажување на кризната состојба…

Нема пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што ќе гласаат за промена на Устав, оти тоа е браникот со кој партијата смета дека може да го запре, како што велат, процесот на бугаризација. Лидерот Мицкоски, рече дека ќе ја заврши политичката кариера доколку се случи пратеник од неговите редови да го прекрши зборот.
„Да ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика, ако јас додека сум претседател под овие услови биде променет Уставот!“-изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека нема да биде изненаден доколку Бугарија продолжи со нови барања од нашата земја. Според него, отворањето на нови бугарски здруженија е показател на таквите политики.
„Целокупниот процес е предавнички и калкулантски. Капитулираше македонската дипломатија, тоа е knock down за македонската дипломатија и предупредував дека ќе се случуваат нови и нови барања од страна на Бугарија. Тука ќе предупредам на еден процес којшто се обидува власта да го води, а тоа е да каже – што да правиме, Европа така не тера. Не е точно, не нè тера нас Европа“, вели Мицкоски.
Освен за дипломатијата, Мицкоски со остри критики и за економската и финансиската политика. Лидерот на опозицијата вели дека најавените даночни реформи не се изненадување, со оглед на фактот дека меѓународните институции не сакаат да финансираат држава која има висока стапка на криминал и корупција. Со оглед на фактот дека не очекува „тешка зима“, вели Мицкоски, веднаш штом Собранието ќе продолжи со работа, ќе предложат закони преку кои ќе се обидат да ја ублажат кризната состојба која ќе следува оваа есен и зима.
Катерина Топалова
