Струга

Голем интерес за активниот туризам

14.08.2022 14:49

Активниот туризам сè повеќе зема замав. Расте интересот за кајакарење, планинарење, велосипедизам во струшко. Главна атракција оваа сезона е веслање кајак од Охридското Езеро, преку реката Црн Дрим до акумулацијата Глобочица. Туристите се воодушевени од ова несекојдневно патување по течението на Црн Дрим и недопрената убавина во месноста Дримкол под падините на Караорман…

Расте интересот за активен туризам во струшко. Надвор од конвенционалниот, сонце и плажа, се повеќе туристи се заинтересирани за кајакарење, планинарење, велосипедизам. Веслање кајак, преку реката Црн Дрим до Глобочичко езеро, оваа сезона е главната туристичка атракција во Струга.

Љубителите на авантуризмот кајакарат низ живописната природа запознавајќи се со духот и раскошот на најстарото езеро во Европа, клисурата на Дрим и потопеното село Глобочица.

„Ние им понудивме една малку поинаква авантура каде што се среќаваат со недопрена природа која како што спомнав ни самите ние до пред извесно време не бевме свесни дека постои практично во Струга, надвор од општината кон Дримколските села“, вели Коста Хиохи од кајакарскиот клуб Соларис Струга.

Кајакарската авантура, која плени со импресии, спој со природата, е долга 14 километри и трае три часа. Покрај странците, интерес има и кај домашните гости.

„Годинава претежно нашите македонските туристи, претпоставувам причина за тоа е она што им го понудивме како нешто неоткриено во земјава, како нешто што можеме да го понудиме надвор од конвенционалниот туризам од типот изнајмување педалинки, кајаци итн. во езерото“, додава Хиохи.

Кајакарите ја раскажуваат приказната за свадбениот пат на јагулата, потопеното село Глобочица за потребите на хидроелектраната, кое до ден денес на 30 метри длабочина е подводен сведок за животот пред 1965 година.

Соња Рилковска