Промовиран првиот учебник на македонски јазик во Србија
16.04.2014 13:58
Учебникот по македонски јазик со елементи на националната култура е изработен и испечатен во Србија, а е наменет за првооделенчињата...

Во Србија, во ОУ „Гоце Делчев“ во Јабука, промовиран е првиот македонски учебник за учениците кои посетуваат настава на македонски јазик.
„Денес е историски чин за македонската заедница во Србија, затоа што за првпат е промовиран македонски учебник на македонски јазик. Со ова ги зајакнуваме пријателските врски со Република Србија“, изјави Вера Јовановска Типко, Амбасадор на Република Македонија во Србија.
Учебникот по македонски јазик со елементи на националната култура е изработен и испечатен во Србија, а е наменет за првооделенчињата.
„По прв пат во историјата еден буквар на македонски јазик, кој го финансира друга држава- во овој случај Министерството за образование на Србија, да финансира ваков учебник“, рече Борче Јовановски, Претседател на Македонската национална заедница во Србија.
Од 2012 година, кога македонскиот јазик е воведен во редовна настава во основните училишта во Србија, досега немаше учебник на македонски јазик.
Од единственото училиште во Србија, во училиштето „Гоце Делчев“ во Јабука се учи на македонски јазик.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник за МРТ од Белград
