Украина

Децата на линијата на фронтот

15.08.2022 12:20

Пред почетокот на војната во Украина, во регионот на Доњецк живееја над 275 илјади деца, по речиси половина година војна на линијата на фронтот останаа 40 илјади. Во Краматорск од 18 илјади деца на возраст до 17 години во градот сега има само 3.200. Во воената зона се постојано присутни посебни воени тимови кои ги советуваат семејствата да ги напуштат домовите. Ова е приказна за децата кои живеат во активната воена зона…

Анастасија Александрова веќе не ги забележува заглушувачките удари на артилериските гранати што паѓаат постојано околу домот на 12-годишното девојче коешто живее со нејзината баба и дедо во Славјанск, источна Украина. Ниту едно дете на нејзина возраст нема останато во соседството откако почна руската инвазија на земјата. Анастасија, веќе нема со кого да си игра, и останаа единствено онлајн-игрите.

„Моите другарчиња веќе си заминаа, мојот живот целосно се промени. Немам веќе со кого да се дружам, на телефон сум цел ден. Претходно со пријателите бевме надвор по цели денови, возејќи велосипеди“, вели Анастасија.

Линијата на фронтот во овој дел е долга 12 километри. Олена, бабата на Анастасија вели дека стресот поради изолацијата е секојдневно присутен меѓу децата.

„Некои деца многу се плашат поради звукот на експлозиите. Многу се осамени, се обидуваме да им го разубавиме детството, но војната не му носи добро никому. Уништени ни се плановите, летниот одмор на внуката. Сакавме да одиме до рудниците за сол во Соледар и во Киев. Сега сè се промени“, изјави Олена Александрова, баба на Анастасија.

Животот на децата е најважен за нас, вели регионалниот гувернер на Доњецк, и дополнува нашите деца се на метата на огнот.

„Како човек, знам дека децата не треба да се овде со нас. Го кажувам ова како татко чиј син учи само онлајн. Знам колку му е тешко. Војната влијае на сите во регионот, особено на децата кои не смеат живеат овде, станува збор за активна воена зона“, нагласува Павло Кириленко, регионален гувернер на Доњецк.

Масовното раселување е очигледно во Краматорск, град на десетина километри јужно од Славјанск. Откако речиси сите тинејџери го напуштија местото, пријателството меѓу 19-годишниот Коваленко и 18-годишниот Пружина стана поцврсто.

„Сега е сосема различно по улиците, нема речиси никој. Како да имало апокалипса, немам друга работа, само гледам во небото или во природата. Одеднаш се ми се сруши, ова е невозможно“, вели Олександар Пружина, жител на Краматорск.

„Кога ќе нè известат дека руската војска е во предградието на Славјанск, или на еден километар од него, ќе побегнам од Краматорск ако имам можност за тоа. Веќе нема да биде нормален животот, ниту за време на борбите, ниту по нив“, додава Роман Коваленко-жител на Краматорск.

Украинските власти ги советуваат жителите да се евакуираат обезбедувајќи им транспорт и сместување. Над шест милиони Украинци побегнале од виорот на војната во соседните земји и во светот, милиони се внатрешно раселени.

Зоран Богатинов