Нема вакцини за средношколците кои треба да заминат во странство
Средношколците кои треба да заминат во странство не можат да ги примаат потребните вакцини, бидејќи не се достапни во земјава. Родителите загрижени – бараат здравствените власти да најдат решение. Од Центрите за јавно здравје информираат дека за дел од овие вакцини, постои повеќегодишен проблем при набавката…

Средношколци кои треба на крајот на месецов да заминат во странство на школување, не можат да ги примат потребните вакцини, бидејќи ги нема во државата. Родителите се загрижени, бараат решение од државата.
„Тој може да замине, но можно е да има проблеми со сместувањето. Во моментот нема вакцина, се работи за возрасни Хепатит Б, а решение е вакцинирање во соседството“, вели мајка на средношколец.
Од Министерство за здравство го потврдуваат постоењето на проблемот.
„За средношколци и студенти кои заминуваат во странство, од Центрите за јавно здравје сме информирани дека за дел од овие вакцини постои повеќегодишен проблем при набавката. Со оглед дека не се јавуваат фирми добавувачи на повиците за јавни набавки, како што е случај со постапката за набавка на вакцина против Тифус, спроведена пред месец дена од ЦЈЗ Скопје“, велат од Министерството.
Вакциналните пунктови низ државата имаат на располагање вакцини, но кои се согласно Календарот за имунизација. Одморите се при крај, децата се носат да примат доза. Од ден на ден се зголемува бројот на боцкања, вели доктор Марковска.
„Денеска до овој момент донесени се 25 дечиња на вакцинација, и уште доаѓаат. Интерес постои за сите вакцини, вклучително и за Морбили. Поради Ковидот и поради општата состојба имаме опаѓање во трендот на вакцинација, со тоа што многу од децата беа и ковид-позитивни, а еве трета година сме веќе во пандемија и имаат отпор кон вакцинацијата, но тоа се надминува“, вели д-р Даниела Марковска, Поликлиника „Јане Сандански“-Скопје.
Во 2019-та година во земјава имаше епидемија на морбили поради ниското ниво на имунизација кај децата.
Во 2020-та поради пандемијата опфатот со вакцинација со сите вакцини како и со МРП, била на ниско ниво. 70 проценти примиле прва доза МРП, 80% втора.
Наташа Јанчиќ Менковски
