Талибанците ја слават првата годишнина од враќањето на власт
Една година од владеењето на Талибанците со Авганистан. Ланското заземање на Кабул го врати радикалното движење на власт речиси 20 години откако беше соборено од САД по нападите на 11-ти сепември. Народот ги обвинува за еконосмки колапс, загрозени женски права, влошена хуманитарна криза. Талибанците не успеаја да воспостават инклузивен политички систем, обвини Европската унија...

Загрозени женски права, екстремна сиромаштија, влошена хуманитарна криза – дел од резултатите кои ги испорачаа Талибанците во последните 12 месеци од своето владеење со Авганистан. Со масовен собир во Кабул, тврдокорното исламистичко движење ја одбележа годишнината од преземањето на власта од владините сили кое се случи речиси и без борба по повлекувањето на американските трупи од земјата. Исто како и во претходниот мандат, и овој пат се спроведуваат строги и радикални правила на исламот.
„Сведоци сме на исклучително високи нивоа на сиромаштија. Ова е последица на економскиот колапс кој е добро документиран. Имаме луѓе со намалени плати, приходи, кои си го зголемуваат долгот, се служат со некакви одбранбени стратегии кои опфаќаат принудно мажење на девојки, експлоатација на деца“, вели Нил Тарнер, директор на НРЦ за Авганистан.
„Економската ситуација е тешка. Од една страна, безбедносната состојба секојдневно се влошува. И денес како и во минатото се соочуваме со експлозии и самоубиствени напади.“
Жените и натаму меѓу најдискриминираните општествени категории.
„Иако во минатото постоеја рестрикции и насилство кон авганистанските жени, тие имаа надеж бидејќи постоеја училишта, жените и девојките можеа да и служат на земјата со своето знаење“, вели Азита Нажанд, активитска за женски права.
Најхрабрите отпорот го пружаат во подземјето. Една од нив е Хамида Аман, основач на радиото „Бегум“ и училиште во рамките на медиумот.
„Денес не им е дозволено да одат на училиште. Девојките доаѓаат овде и се на возраст од 12 до 16 години. Повеќето се од околинава“, вели Хамида Аман, основач на радио Бегум.
„Ова е преризично. Може да ми се заканат и мене лично. Талибанците може да извршат притисок врз нашите браќа и татковци да казнуваат луѓе.“
„Талибанците ветија дека ќе ги отворат пак училиштата, но тоа нема да се случи. Сакаат да носиме хиџаб, а кога го носиме, и тоа не им е доволно. Очигледно не сакаат да одиме на настава.“
Со враќањето на Талибанците зачестија и нападите од Исламска држава која беше формирана во Авганистан во 2014 година и сега се смета за најголемиот безбедносен предизвик за новите владетели. Во серија напади врз шиитските малцинства во Кабул само месецов загинаа 10, а беа повредени 40 лица.
Маја С. Филдишев
