Општеството е длабоко етнички поделено, на тоа мора да се работи- велат социолозите
Исвиркувањето на водителката додека го најавуваше настанот на македонски јазик на прославата за Рамковен, не доликува на една демократска држава каква што се декларира Македонија, смета социологот Ацевски. Според него, ова е показател за длабоката етничка поделеност во општество, на што мора да се работи…

Потребно е извинување, организаторот на Фестивалот да покаже гест дека тоа што се случи не ѝ доликува на една држава за каква се декларира Македонија, вели социологот Илија Ацевски, откако група граѓани присутни на концертот во саботата ја исвиркаа водителката додека го најавуваше настанот на македонски јазик.
Според професорот Ацевски, ова е показател за длабоката етничка поделеност во општество, на што мора да се работи за да не се дозволи во иднина повторно да се соочуваме со вакви инциденти. Затоа, предлага професорот, и Македонците и останатите етнички заедници да најдат различни форми на соживот преку социјалните и културни случувања.
Старата скопска чаршија е место каде што со векови се мешаат културите, а луѓето кои поголемиот дел од денот го минуваат овде оценуваат – соживот има, но ако се тргне политиката настрана.
Фестивалот што требаше да обединува, донесе нови разлики, но покуса државна каса за околу 100 илјади евра.
Забавата којашто ја организираше вицепремиерот за политички систем Артан Груби по повод годишнината од Рамковниот договор чинеше 100 илјади евра, а трошоците беа исплатени од буџетот на Министерството. Груби за концертот рече дела ќе прерасне во регионален, обединувачки фестивал, но на него не настапи ниту еден македонски изведувач, откако Гиговска и Јаневски ги откажаа настапите.
Анита Димитријевска Велковска
