Македонија

Реакции во јавноста по прославата за Рамковниот

15.08.2022 15:17

ВМРО-ДПМНЕ бара владата на СДСМ и ДУИ да се оградат и да се извинат за скандалот кој се случи на прославата за Рамковниот договор. Велат дека бил понижен македонскиот јазик. Изолирани провокации нема да ги нарушат придобивките за развој на нашето демократско општество од Рамковниот договор, став на Владата…

Потпишувањето на Охридскиот рамковен договор донесе придобивки за развој на нашето демократско општество и претставува заеднички успех и вредност со што треба да се гордееме и да го промовираме како модел, коментираат од Владата по инцидентот на плоштадот Скендербег за време на прославата на годишнината од Рамковниот, кога се слушнаа свирежи за време на обраќањето на водителката на македонски јазик.

Од „Илинденска“ број 2 тврдат дека станува збор за изолиран случај што нема поддршка и оти сега, меѓуетнички односи се релаксирани како никогаш порано. Секој граѓанин, без оглед на етничката, верската или која било друга припадност, ја чувствува Северна Македонија како своја држава, велат од Владата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека е ова голем скандал, за којшто Владата должи извинување. Според нив, македонскиот народ бил понижен на манифестација што се финансира од народни пари.

Од СДСМ велат дека ги осудуваат сите обиди на насилници, кои се обидуваат да го оцрнат македонскиот јазик или кој било етникум. Оттаму велат дека остануваат посветени на развојот на концептот „Едно општество за сите“.

Прославата за Рамковниот предизвика многу реакции во јавноста, и поради исвиркувањето на македонскиот јазик и поради тоа што се трошат илјадници евра во време кога живееме во криза.

Игор Панов