Нема нови жаришта на Африканска чума, досега уништени се 607 свињи
За дваесеттина дена во регионите на Македонска Каменица, Кочани, Виница и Чешиново-Облешево потврдени се шест жаришта на Африканска свинска чума. До сега угинати се осум свињи, а со мерката за депопулација во дефинираните заштитни зони од три километри, нештетно се уништени вкупно 607 свињи.

За дваесеттина дена откако пламна Африканската чума, нештетно се уништени 607 свињи. Нови случаи на потврдено присуство на болеста по последниот случај во Виничка Кршла, засега нема. Од АХВ апелираат веднаш да се пријават свињите со било какви симптоми на нарушено здравје.
Источниот регион и понатаму е жариште на Африканската чума. Со висок ризик за ширење на болеста се малите одгледувалишта каде хигиенските мерки не се практикуваат доследно.
Одгледувачите бараат надлежните инспектори да вршат засилени контроли. Според заводот за статистика во државата има околу 186 илјади свињи, од кои 132 илјади се одгледуваат во индивидуалните земјоделски стопанства.
Првиот случај на болеста Африканска чума се појави на почетокот на годината во делчевско Драмче. Најчести преносители се дивите свињи и фармерите кои не ги почитуваат хигиенските стандарди, како и дивата продажба и транспорт на стоката.
Славица Величковска
