Македонија

Жена со церебрална парализа подолг период е жртва на семејно насилство, институциите не постапуваат

15.08.2022 15:51

Жена со церебрална парализа подолг период е жртва на семејно насилство, а институциите не постапуваат-реагира Националната мрежа против насилство. Велат, загрижува бавноста со која се процесуира постапката…

Жена со церебрална парализа е изложена подолго време на семејно насилство од сопругот. И по четири месеци под силни закани за нејзиниот живот поради непостапувањето на меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР) од Скопје, жената продолжува да биде жртва, велат од Националната мрежа против насилство. Уште повеќе, што со неа во семејната куќа изложени на насилство се и малолетните деца и другите членови. Загрижува бавноста со која се процесуира постапката, посочуваат од Националната мрежа.

По пријавата во полиција откако таа и децата дале изјава, во Центарот поминале 30 дена за да биде повикана да потпише согласност за привремени мерки на заштита. Дури потоа е закажано рочиште во судот, кое, пак било одложено до септември поради тоа што сторителот изјавил дека сакал адвокатски застапник во постапката.

Од ресорното министерство појаснуваат дека постапката во Центарот била почната веднаш по добиеното известување од полицијата, по што била направена процена на ризикот.

„Имајќи ги предвид интересите и потребите на жртвата и нејзините деца, дадена е соодветна психо-социјална интервенција и третман, реализирана е стручно-методолошка работа со малолетните деца и вклучување на жртвата во психо-социјален третман во специјализирано советувалиште за жени жртви на насилство и семејно насилство … Постапката е во судска процедура, а судот е надлежен за донесување одлука за изрекување на привремени мерки за зашти та. Предметот е активен и сè уште се работи“, велат за МТВ од ресорното министерство.

Од мрежата тврдат дека целиот систем за превенција и спречување на насилствата не функционира што придонесе и за неодамнешните случаи во Гостивар, Неготино и Струмица кои завршија со фемицид.

Од министерството уверуваат дека се работи на унапредувањето на системот во тој контекст подготвени се пет подзаконски акти, како и протокол за меѓуинституционална соработка.

Законот за заштита и спречување на семејното насилство беше донесен пред повеќе од година и пол.

Фиљана Кока