Мерки против Африканската свинска чума
По појавата на Африканска свинска чума во две фарми во делчевско, во јануари годинава, во овој регион повторно се појавија нови жаришта. Заразата претставува најголем ризик за домашните фарми со една до три свињи, а Агенцијата за ветеринарство ги презема неопходните мерки. Оваа болест не е опасна за човекот, но сточарите доколку сакаат да бидат обесштетени ќе треба да ги пријават заболените и сомнителни случаи…

Во делчевско-кочанскиот регион добиточната болест Африканска свинска чума е регистрирана кај малите одгледувалишта со по една, две или три свињи кои ги чуваат за домашна употреба и не применуваат биосигурносни мерки што претставуваат и најголема опасност за ширење на заразата.
Забрането е одгледувањето свињи на отворено, без контрола, или ако животните се пуштаат надвор, мора да има двојна ограда со безбедносно растојанието од најмалку еден метар меѓу заградениот простор.
Сточарите ќе добијат отштета само доколку пријават сомнително и заболено животно кај кое ќе се потврди присуството на болеста, а не и за угинатите животни. Отштета не следува и за свињите кои се чуваат на отворено, спротивно на условите предвидени со забраната.
Извор и носители на вирусот, се дивите свињи и според ветеринарите болеста која ја има во регионот кај нас е пренесена од соседна држава.
Од неа заболуваат домашните и дивите свињи, не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби. Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека. Смртноста кај домашните свињи може да достигне дури и до 100 проценти.
Методија Трајков
