Охрид

Безбедноста на плажите под светските стандарди

16.08.2022 11:48

Безбедноста на капалиштата на брегот од Охридското Езеро е на ниско ниво, бидејќи само на десет од нив има спасители на вода. Од охридскиот Црвен крст уште на почетокот на летото укажаа дека концесионерите, државата или локалната самоуправа треба да ги обележат плажите на коишто нема спасители со предупредување дека не се безбедни. Летната сезона веќе завршува а такво нешто сè уште не е реализирано.

Од 36 капалишта на охридското крајбрежје, само на 10 има спасители на вода и услови за безбедно капење, спорт и рекреација. Ако се знае дека само на тие плажи спасителите имале 14 успешни интервенции на извлекување на давеници и преку 800 интервенции на укажување на прва помош се наметнува заклучокот дека безбедноста на капалиштата е далеку под светското ниво. Барем да беа обележани плажите каде што нема спасители со известување дека не се безбедни за капење велат од Црвениот крст.

„Значи што е задолжително во сите нормални и цивилизирани европски земји. Постои табла каде стои дека капалиштето го користите на сопствена одговорност затоа што нема безбедни услови за капење, спорт и рекреација обезбедни од страна на концесионерот или на државата. Значи очигледно дека имаме овде кршење на законската, односно непочитување на Законот за внатрешна пловидба“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст-Охрид.

Од Црвениот крст велат дека се неопходни измени во Правилникот за капалиштата, бидејќи тој е донесен во 2007-та и е работен според стандардите на Хрватска, односно регулатива која се однесува на морињата.

„Ќе спомнам само некои, оние кои се однесуваат на бројот на спасителите коишто по нашите предлози треба да се регулира со должината на крајбрежната линија каде што се ангажирани спасителите и со одбележувањето на водената површина која треба да биде определена во зависност од длабината на самото капалиште“, додава Точков.

На тој начин ќе се зголеми безбедноста на капалиштата, а спасителите на вода ќе можат ефикасно да ги исполнуваат своите задачи, вели Точков.

Сашо Нелоски