Украина

Продолжува неизвесноста во Запорожје

16.08.2022 12:06

И натаму неизвесна ситуацијата со централата во Запорожје. Русија уверува дека нема да употреби нуклеарно оружје, Украина бара демилитаризација. Пожар во складиште за муниција на Крим, гранатиран Харков. Пресметки и на 174-тиот ден од вооружениот конфликт…

Додека Русија и Украина си ја префрлаат топката за нападите врз најголемата европска нуклеарна централа, светот со огромна неизвесност внимателно го следи секој чекор на Киев и Москва. Во гранатирањето беше предизвикана штета врз дел од опремата, проценката треба да ја изврши експертски тим на Меѓународната агенција за атомска енергија,  се очекува договор меѓу завојуваните страни. Украина бара демилитаризација и прекин на провокациите, Москва – мисијата на Агенцијата да не се занимава со вакви прашања, а доколку тргне кон Запорожје, да не мине низ Киев кој се смета за опасна прва линија на фронтот.

„Во Украина не постојат цели за руски нуклеарен напад така што сите тврдења дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје во својата воена операција се апсурдни. Ова е ограничено само во вонредни ситуации, како што е наведено во руските насоки кои е достапни за јавноста“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.

„Русија не запира со уценувачки акции во и околу нуклеарната централа на Запорожје. Продолжува провокативното гранатирање на таа територија. Каков било инцидент во централата може да биде удар за сите земји во ЕУ, Турција, Грузија и подалечните региони. Сè зависи само од правецот и силата на ветрот. Ако руските акции доведат до катастрофа, последиците може да ги почувствуваат и оние кои молчеа досега“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Од Обединетите Нации потврдија дека поседуваат логистички и безбедносни капацитети за за поддршка на екипите на МААЕ.

„Потребен е договор меѓу Русија и Украина од очигледни причини. Централата е на руска окупирана територија. Слушнавме секакви изјави, дека генералниот секретар, секретаријатот ја попречуваат или блокираат Агенцијата за атомса енергија. Но тоа не е точно“, рече Стефан Дујарич, портпарол на генералниот секретар на ОН.

На фронтот, погодено складиште за муниција во северниот дел на Крим. Пред една недела на полуостровот експлодираше руската воздухопловна база Саки. Конфликтот меѓу двете поранешни советски држави постојано се проширува и во другите области, вклучувајќи ја и  економијата и културата. Од почетокот на војната, руската страна се соочува со се поголем, бојкот од западниот свет.

„Залудни и смешни се сите обиди да се исклучи нашата култура. Оние што сметаат поинаку, за жал, не успеале да ги научат лекциите од историјата. Но луѓето ја прават историјата. Денес тоа сте вие, младите кои можат да сонуваат и да создаваат, да работат и да победат. Вие ги продолжувате традициите на културата, го гарантирате континуитетот на генерациите“, нагласи рускиот претседател, Владимир Путин.

Во меѓувреме, од украинските пристаништа исплови брод со 23 илјади тон жито кон Џибути.

Маја С. Филдишев