Македонија

Финишира подготовката на новиот Закон за помилување

16.08.2022 12:50

Финишира подготовката на новиот Закон за помилување. Најзначајната измена е што претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење. Ова е можност за изедначување и неселективност на примената во пракса, сметаат експертите…

Најзначајната измена што се предвидува е дека претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица. Тоа значи дека шефот на државата ќе може да помилува само после правосилност на судска пресуда, но не и претходно, велат од ресорното министерството. Втората позначајна новина е формирањето комисија во рамки на Министерството за правда, која подготвува писмено образложено мислење за молбата кое заедно со извештајот се доставуваат до претседателот.

„Со предлог-законот се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето … Со ова решение се очекува да се надминат досегашните можни ризици поврзани со дискрециските права на министерот за правда“, посочуваат од Министерството за правда.

Во ова законско решение експертската јавност гледа можност за изедначување и неселективност на примената во пракса. Нешто што претставуваше опасност од реалните влијанија и фаворизирање на одредени лица на штета на други обвинети или осудени лица, кои ги исполнуваат условите за помилување, што само по себе подразбира и отворена можност за корупција, вели за МТВ адвокатот Туфегџиќ, инаку поранешен судија во скопскиот Кривичен суд. Но, се наметнува прашањето за вистинскиот мотив и целите за ова решение, додава Туфегџиќ.

„Дали ограничувајќи ги дискрециските овластувања на министерот за правда и претседателот на државата, предлагачот и законодавецот сакаат да ја зајакнат или вратат нарушената доверба во институциите. Поточно, дали со предложените измени законодавецот сака да се намали ризикот во иднина да не се создаде конфузна ситуација како со помилувањата од минатото кои се предмет на оценка на ЕСЧП и од чија одлука зависи судбината на кривични постапки од висок профил започнати пред домашниот суд“, вели Туфегџиќ.

Од независноста во земјава се паметат седум закони за амнестија, првиот од декември 1991 кога претседател беше Киро Глигоров и беа опфатени околу 900 лица. Со вториот од 1999 година кога беа ослободени Руфи Османи и Алајдин Демири за веење на албанското знаме пред општинската зграда. Третиот од март 2002 после Рамковниот договор кога претседател беше Борис Трајковски и беа амнестирани околу 3.000 борци на ОНА. Четвртиот во јули 2003 кога исто така претседател беше Борис Трајковски за т.н. „дезертери“ од резервниот состав на АРМ, во конфликтот од 2001 год. Петтата, од јуни 2015 беше донесена кога претседател беше Ѓорге Иванов за 15.000 невработени лица за злоупотреби со сини картони за лекување. Шестиот од јануари 2018 беше донесен повторно кога претседател беше Ѓорге Иванов. Со него беа опфатени околу 700 осуденици за растоварување на казнено-поправните домови и седмиот, последен од декември 2018 кога Иванов ги амнестира учесниците од 27 април, но и Груевски, Мијалков, Црвенковски, Заев и други. А јавноста сè уште ги памети и помилувањата на Доста Димовска од претседателот Трајковски за прислушувањето, од Бранко Црвенковски на Зоран Заев за случајот Глобал и други вакви помилувања.

Фиљана Кока