Нередовната вакцинација на децата допрва ќе даде негативен импулс
Низок опфат на имунизација кај децата, особено со МРП вакцината, покажуваат податоците на Министерството за здравство. Нередовната вакцинација допрва ќе даде негативен импулс од големи размери, предупредуваат епидемиолозите…

Децата се невидливи жртви на пандемијата. Тие ковидот лесно го поминуваат, но редукцијата на редовната имунизација кај децата допрва ќе даде негативен импулс од големи размери, предупреди епидемиологот Даниловски. Тој вели дека загриженост има и од Светската здравствена организација, особено кога станува збор за морбилите.
„Се закануваат експлозивни епидемии на морбили, најзаразно заболување на планетата. Од друга страна потхранетоста ја зголемува и смртноста од морбилите“, изјави епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.
Според податоците од Министерството за здравство во текот на 2020-та години се бележи низок опфат со МРП вакцината, односно 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво. Министерството за здравство и здравствените установи, кои спроведуваат вакцинација, во напорите за засилување на вакцинацијата лани успеаја да го зголемат опфатот, така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4%. Професор Даниловски вели мора да се работи на зголемување на опфатот на вакцинација.
„Морбилите предизвикуваат имунолошка амнезија, организмот заборава сè што прележал, прележаните стануваат осетливи на сите заразни заболувања“, додава д-р Даниловски.
За да се поврати таа имунолошка амнезија се потребни две до три години. Професор Даниловски апелира, ако почнат да се шират морбили ќе се шират и други зарази меѓу децата, а тука спаѓа и ковидот.
Наташа Јанчиќ Менковски
