Владата донесе мерки за штедење струја
Владата донесе мерки за заштеда на електрична енергија и до 15 насто. Државните институции добија конкретни задолженија кои мора да се почитуваат оти во спротивно ќе следуваат санкции, за домаќинствата и компаниите има само препораки...

Владата донесе мерки за заштеда на електрична енергија и до 15 насто. Државните институции добија конкретни задолженија кои мора да се почитуваат оти во спротивно ќе следуваат санкции, за домаќинствата и компаниите има само препораки.
Предвидено е исклучување на осветлувањето на фасади на јавни објекти, клима-уредите во сезона на греење нема да бидат повисоко од 20 степени, ќе се исклучуваат компјутерите по работата.
Мерките ќе стапат во сила од 1-ви септември и важат до 31-ви март. Министерот Бектеши вели, ако сè оди според планот, ќе нема рестрикции.
„Првичниот пример треба да го даваат институциите, а потоа тие да бидат следени од стопанството и домаќинствата. Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И само, секако, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите“, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.
Претходно на прес-конференцијата во Владата, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека компанијата работи со максимален капацитет и оти потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство.
