Скопје-Софија

Се отвора процес на бугаризација- реакции по усвоените препораки од мешовитата комисија

16.08.2022 15:14

Партиите со реакции по усвоените препораки од мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Павле Трајанов од Демократскиот сојуз смета дека со тоа директно се менува историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат, ќе треба да ги цензурираме учебниците под притисок на Софија. Од СДСМ, пак, со став-сега е јасно оти ништо нема затскриено и дека нема никакво бришење или менување на историјата…

Усвоените препораки од мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања внесуваат несогласувања во владејачката коалиција. По согласноста за заедничко чествување на пет историски личности и за измени во учебници по историја, од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов предупредија дека со тоа, директно се менува историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија. Како држава, треба да ги процениме сите ризици од прифаќање на решенијата на комисијата, вели пратеникот Трајанов, сметајќи дека се отвора процес на бугаризација.

Со усвоените препораки на историската комисија стана јасно дека во нив нема ништо спорно, затскриено, нема никакво бришење или менување на историјата по бугарски терк, тврдат во владејачката СДСМ. Препораките се со реципроцитет, вели пратеничката Николова.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со став, со препораките од историската комисија ќе треба да ги цензурираме учебниците под диктат и притисок на Софија. Наместо да се зборува за 21-от првиот век, се дискутира средниот и се зборуваат неточни работи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Левица, оние кои беа на погрешната страна и поразени во Втората Светска војна, денес ги диктираат нашите учебници – што според нив, е флагрантно кршење на суверенитетот на државата.

Миле Ристески