СДСМ ја отфрли понудата на Мицкоски
Доколку власта е сигурна дека има двотретинско мнозинство нека да свика собраниска седница, но ако во Собранието не поминат уставните измени, тогаш треба да се закажат предвремени избори, сметаат во ВМРО-ДМНЕ. Социјалдемократите со одговор – Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да уценуваат никого, избори ќе има во 2024-та година.

Владејачката СДСМ ја отфрли понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за гласање на уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот веднаш по одморите и ако не се обезбедат 80 гласови по ова прашање тогаш да се оди на предвремени избори. Социјалдемократите велат – Мицкоски и неговата партија не се во позиција да уценуваат никого. Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ се конфузни, наутро бараат референдум, а попладне предвремени избори.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува. Смета дека ако власта е убедена дека има двотретинско мнозинство нека свика седница за уставни измени, а ако нема доволно гласови, Ковачевски да поднесе оставка и да се распишат предвремени парламентарни избори. Потенцираа дека претседателот Мицкоски чесно кажал дека веднаш ќе се повлече од политиката ако се изгласаат уставните измени.
Власта и опозицијата се во клинч околу прашањето за уставните измени, кои се предуслов за отворање на преговарачките поглавја за пристапување кон членство во ЕУ. Опозицијата најави и референдум за францускиот предлог. Од владејачките партии се категорични – опозицијата да не става блокади и активно да се вклучи на патот на евроинтеграциите, којшто е веќе трасиран со првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Игор Панов
