Енергетска криза

Нема рестрикции на струја, има мерки за штедење

16.08.2022 15:45

Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, температурите на клима-уредите да се местат според сезоната на ладење или греење – ова се дел од мерките на Владата за државните институции за рационално трошење на струјата. За компаниите, бизнис-секторот и домаќинствата, како и за општините и претпријатијата под надлежност на локалната власт, ќе бидат само препораки. Стапуваат во сила од 1-ви септември и ќе траат до 31-ви март догодина…

Од 1-ви септември до 31-ви март, министерствата и сите државни и јавни институции ќе треба да штедат по најмалку 15% струја, споредбено со истиот месец лани. Владата на седница донесе задолженија со кои ги обврзува да ги гасат компјутерите и светлата по работното време, да инсталираат штедливи светилки, а клима уредите да не ги користат до максимум.

За заштедите на месечно ниво ќе реферираат раководителите, а оние кои нема да се придржуваат и ќе арчат струја на ангро – ќе бидат санкционирани.

Потребите на ЕВН Хоум целосно се задоволуваат со струја од домашно производство, за што ЕСМ работи со полн капацитет – изјави првиот човек на компанијата Ковачевски. Тој вели дополнително се купува јаглен и мазут за да има струја во ек на грејната сезона.

Надлежните велат нема да има рестрикција на струја, а во случај на хаварија на некоја електрана, државата има и резервен план. Се очекува РЕК Битола да работи во полн капацитет и на почетокот на ноември во функција да се стават сите три блока.

Анита Димитријевска Велковска