Суспендирана Вилма Русковска
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше шефицата за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Таа за МТВ рече дека го добила решението. Од Јавното обвинителство информираа дека се поведени дисциплински постапки против тројца обвинители за професионална грешка, со што сториле повреда на законот…

Суспендирана шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. За МТВ потврди дека го добила решението, но оти засега не сака да коментира. За две нејзини колешки, поведена е дисциплинска постапка. Информацијата ја објави Државното обвинителство.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, пишува во соопштението.
Сега Русковска во рок од осум дена од приемот на решението за дисциплинска повреда може да се жали до Советот на јавните обвинители.
Доколку Советот не ѝ ја усвои жалбата, таа ќе биде разрешена од функцијата.
На сето ова му претходеше вербална „војна“, па кривични пријави меѓу директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми и Русковска, која, во една од последните реакции, ја повика на помош меѓународната заедница.
Катерина Топалова
