Македонија

Муареми се повлекува од функцијата

16.08.2022 16:52

Ваквата одлука ја носи со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција...

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми се повлекува од позицијата со цел да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.

„Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција“, вели Муареми и додава - ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.