Македонија

Јовески ја суспендира Русковска, Муареми се повлече од функцијата

17.08.2022 08:34

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше шефицата за организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Таа за МТВ рече дека го добила решението. Од републичкото јавното обвинителство информираа дека се поведени дисциплински постапки против тројца обвинители за професионална грешка со што сториле повреда на законот. Од функцијата се повлече директорот на Управата за финансиска полиција, Муареми. Вели – целта е да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во обвинителството...

Суспензија и дисциплинска за Русковска, Муареми се повлече од функцијата. Ова е епилогот од меѓуинституционалните превирања кои почнаа откако шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција направи претрес во Управата за финансиска полиција. Русковска за МТВ потврди дека го добила решението, но засега не сака да коментира. Дисциплинска постапка има и за две нејзини соработнички.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, пишува во соопштението.

Русковска има рок од осум дена до кога може да достави жалба до Советот на јавните обвинители. Ако не биде усвоена, ќе биде разрешена од функцијата. Муареми пак соопшти дека се повлекува од функцијата со цел како што вели во јавноста да нема најмал сомнеж за какво било влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.

„Имајќи ја предвид одлуката на јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција“, стои во соопштението.

На сето ова претходеше вербална „војна“, па кривични пријави меѓу директорот на финансиската полиција Арафат Муареми и Русковска, која, во една од последните реакции, ја повика на помош меѓународната заедница.

Викторија Милевска