Здравство

Пациентите со срцева слабост на црно ги набавуваат неопходните лекови

17.08.2022 10:57

Пациентите со срцева слабост во земјава на црно ги набавуваат неопходните лекови. Лекот „Ентресто“, кој им е неопходен го нема во Регистарот на лекови во земјава, па тие се принудени да го шверцуваат од странство. Од Националното здружение „Храбро срце“ апелираат до Министерството за здравство да го вметне овој лек во регистарот.

Пациентите со напредната срцева слабост, мака мачат да ги набават лекарствата. Лекот „Ентресто“ го нема во Регистарот на лекови во земјава. Па пациентите го набавуваат на црно. Најчесто го шверцуваат од соседна Србија, каде овој лек за еден месец ги чини околу 2.000 денари.

Во поединечни аптеки во Скопје, под рака може да се најде овој лек, но по цена од 4.800 денари, се жалат пациентите. Од Националното здружение „Храбро срце“ бараат од Министерството за здравство да го вметне овој лек во регистарот, да може да се увезува во земјава, да не мораа да лутаат и да молат во странство.

„Храбро срце“ уште минатата година испрати допис до Министерството со барање за легална набавка на лековите од кои пациентите со напредна срцева слабост се зависни, но до денес не добиле никаков одговор.

Соња Рилковска