Култура

Второ издание на Скопскиот поетски фестивал

17.08.2022 11:54

На официјалното отворање на фестивалот ќе му предходи настанот „Отскочна даска“ наменет за млади поети и поетеси од 16 до 25 години кое ќе се одржи на 29 август во кафе –книжарницата „Буква“ каде самите учесници ќе одберат кој ќе чита своја поезија на отворањето на 30 август.

Младинскиот културен центар во Скопје и кафе-книжарницата „Буква“од 29 август до 1 септември ќе бидат сцена каде што ќе се одржи второто издание на Скопски поетски фестивал.

На официјалното отворање на фестивалот ќе му предходи настанот „Отскочна даска“ наменет за млади поети и поетеси од 16 до 25 години кое ќе се одржи на 29 август во кафе –книжарницата „Буква“ каде самите учесници ќе одберат кој ќе чита своја поезија на отворањето на 30 август. Истиот ден во истиот простор ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) „Сум страдал, ама убаво ми било“, што ќе трае до затворањето на фестивалот.

Со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник џез и поезија“ на 30 август официјално ќе се отвори фестивалот. Овој настан всушност е поетско читање посветено на Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начин како што тоа го правеле битниците. Ќе настапат: Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса на настанот „Отскочна даска“.

Во среда, на 31 август во МКЦ Скопје ќе се одржи и „Интернационалната поетска вечер“, на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

Фестивалот ќе заврши во четврток, на 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“ со работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, на тема „Урбана поезија.

Вечерта ќе продолжи со настанот „Стиховно мапирњае на Скопје“ видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје. Филмовите се снимени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти(Србија) и Диме Данов, врз основа на песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулјана Величковска, Ивана Јовановска,Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асад.