Македонија

Русковска ќе се жали, Финансова со нов директор

17.08.2022 12:55

По кулминацијата на несогласувањата меѓу Русковска и Муареми што резултираше со суспензија за обвинителката и повлекување на директорот, дилеми како ова ќе се одрази врз борбата со криминалот и корупцијата. Владата брзо ќе го пополни столчето во Финансиската полиција. Обвинителството најави дека предметите ќе се прераспределат и постапките ќе продолжат со ист интензитет. Експерти очекувале побрза разврска…

Суспендирањето на обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска и повлекувањето на директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми од функцијата нема да влијае на ефикасноста на борбата против корупцијата, смета Владата.

Според вицепремиерот Маричиќ, има завидни резултати во последниве пет години, со изречени беа пресуди против поранешен премиер, двајца поранешни министри за внатрешни работи, поранешен шеф на тајна служба. Но, по заминувањето на Муареми се отвора дупка.

Од Јавното обвинителство посочуваат дека продолжуваат активно да постапуваат без разлика на поведените дисциплински и други постапки против поединци. За тоа веднаш се дадени насоки.

„Со решението за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител, наведениот јавен обвинител е задолжен сите предмети и ствари со кои е задолжен да ги предаде на јавниот обвинител кој со годишниот распоред треба да го менува. Сите предмети ќе бидат времено распоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“, велат од Јавното обвинителство.

Можеби требаше побрзо да се дејствува, но добро е што дојде до разврска пред сè заради зачувување на кредибилитетот на двете клучни институции, вели нашиот соговорник, универзитетскиот професор Лабовиќ. Дефинитивно ни е потребен чувар на чуварите односно контролор на контролорите, нешто што самиот вели го понудил неколкупати, но за жал не било прифатено. Своевиден Врховен совет би постапувал по обжалени тужби од Обвинителството, вели Лабовиќ.

Шефицата на одделението за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска беше суспендирана од функцијата, а Арафат Муареми се повлече од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Русковска и Муареми претходно јавно разменија меѓусебни обвинувања откако обвинителството изврши претрес во управата.

 

Фиљана Кока