Украина

Нова граната падна во близина на Запорожје

17.08.2022 13:24

Продолжуваат меѓусебните обвинувања на Киев и Москва за случувањата околу нуклеарната централа Запорожје. Регистрирани експлозии на гранта на само неколку метри од контејнер со нуклеарен отпад. Доколку се оштети системот за ладење на централата, можна е катастрофа од многу поголеми размери отколку Чернобил, предупредуваат експерти. Генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш утре во посета на Лавов, на средба со Зеленски и Ердоган…

Продолжува неизвесноста околу нуклеарната централа во Запорожје. Граната експлодираше на десетина метри од контејнер со нуклеарен отпад за време на украинското гранатирање на областа. Борбите не престануваат. Руските сили го бомбардираа Николаев. Погодени цивилни и станбени објекти-тврдат украинските власти. Повредени се три лица во ракетирањето на Одеса.

„Секој ден и секоја вечер гледаме нови извештаи за експлозии на територијата која привремено ја окупираа окупаторите. Ги замолувам сите наши луѓе на Крим, во другите региони на југот на земјата, во окупираните области на Донбас и Харков да бидат многу внимателни. Не одете во близина на воените објекти на руската армија и сите оние места каде што складираат муниција и опрема, каде што го чуваат својот штаб. Причините за експлозиите на окупираната територија можат да бидат различни, или-ја цитирам и дефиницијата на окупаторите-лудило“, вели украинскиот претседател Зеленски.

Според прорусите во Запорожје, украинските војници ги погодуваат слабите точки на нуклеарната централа вклучувајќи го и системот за ладење. Доколку тој се оштети, можна е катастрофа поголема од Чернобил-изјави Володимир Рогов, член на главниот одбор на администрација.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш утре во посета на Лавов на трилатерална средба со Зеленски и Ердоган.

„Генералниот секретар ќе биде во Лавов за трилатералниот состанок со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и украинскиот лидер Зеленски. Потоа ќе го посети пристаништето во Одеса кое е едно од трите што се користат како дел од црноморската иницијатива за жито. Како што сите се сеќавате, оваа иницијатива е дел од договорот кој вклучува и олеснување на рускиот извоз на жито и вештачки ѓубрива на глобалниот пазар“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на Генералниот секретар на Обединетите нации.

Во меѓувреме, уште четири брода со жито испловија од украинското пристаниште. Бродот Сакура со 11 тони соја веќе пристигна во Италија.

Бојана Крстевски