Комисија ќе врши проценка на штетите по невремето во Неготино
Уништени домови, поплавени земјоделски површини и фарми. Граѓаните сè уште во страв по големото невреме што го зафати Неготино. Општината формираше комисија за проценка на настанатите штети. Стасуваат пријави...

Неготино сè уште дише забрзано по големото невреме кое оштети домови на педесетина семејства. Дождот и ветрот ги нема, но стравот дека целосно ќе се распаднат конструкциите на куќите стои. Домот на Мара Петрова во неготински Тимјаник е повеќе закана отколку место за да се заштитат.
„Стравуваме, доколку ни падне цел кров и таван, ќе падне и плочата и ќе нè повлече и нас. Значи ние не сме безбедни по живот“, вели Мара Петрова, жителка на Тимјаник.
Општината формираше Комисија за проценка на штетата, којашто ќе треба со проценител да оди на терен. Петрови се плашат како ќе го поминат денот под „ранетиот“ дом, градоначалникот вели дека работат најбрзо што можат.
„Во текот на денешниот ден веќе се формира комисијата којашто ги прибира податоците од настанатото невреме коешто се случи вчера во општина Неготино. Доста граѓани доаѓаат и доставуваат може да кажам слики и извештаи од настанатата штета од откорнатите кровни конструкции“, изјави градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.
На Неготино му се случи торнадо, вртлог. Од ЦУК велат дека среќа во несреќа е што траело кратко. Ако се задржело 5-10 минути повеќе би било вистинска катастрофа за градот.
Катерина Топалова
