Брисел: Вучиќ и Курти на одделни средби со Столтенберг
Една година по последната средба и тензиите коишто летово повторно ескалираа, во Брисел продолжува дијалогот Белград – Приштина на највисоко ниво. Пред разговорите Вучиќ – Курти со Лајчак и Борел, српскиот претседател и косовскиот премиер на состанок со шефот на НАТО Столтенберг...

Една година по последниот состанок, а две недели од тензиите на северот на Косово, нова рунда од дијалогот Белград-Приштина на највисоко ниво. Српскиот претседател Вучиќ и премиерот на Косово, Курти, пред разговорите со шефот на европската дипломатија Борел и специјалниот пратеник Лајчак коишто се закажани за четврток, заминаа на одделни средби со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Иако е подобрена ситуацијата на терен, сите страни, особено претставниците од Белград и Приштина имаат одговорност да превенираат повторна ескалација. Ги повикувам да покажат воздржаност и да избегнуваат насилство. НАТО продолжува будно да ја следи ситуацијата на терен. Нашата мировна мисија на КФОР е фокусираа на својот мандат од ОН. Доколу стабилноста биде загрозена, КФОР е подготвен да интервенира“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
„Мирот и стабилноста се од пресудно значење за Србија. Не сакам да ја префрлам вината на некој друг ниту да се служам со детски приказни. Утре ќе имаме тешки разговори, речиси во ништо не сме согласни. Но, позицијата на Србија е дека ќе се држи до меѓународното јавно право, резолуцијата на ОН, повелбата на ОН, Бриселскиот договор, сè што е потпишано“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
„На една страна ја имате демократската држава Косово, имаме професионална полиција на Републиката, а на другата имате илегални структури на Србија кои се претворија во криминални банди кои креваат барикади. Девет од 13 беа поставени за 10 минути. Во оваа смисла, може да се рече дека постојат две страни, но никогаш не треба да го изгубиме моралниот центар, ниту да ги напуштиме политиките базирани врз вредности, а тоа значи нулта-толеранција кон криминалот и корупцијата, кон организираниот криминал“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.
Утре двајцата лидери ќе се обидат да ги приближат дијаметрално спротивните ставови околу косовското прашање. Според дел од експертите, Брисел се претвора во место каде што немо се следи билатералната кавга, бидејќи ниедна страна засега не покажува расположение за правење отстапки.
„И едната и другата страна имаат внатрешна и надворешна потреба да реагираат вака. Да реагираат енергично за своите позиции и истите да ги афирмираат до крај зашто постои интенција и сериозен меѓународен контекст да се реши прашањето со Косово, на побрз и поефикасен начин отколку досега“, вели Зоран Миливојевиќ, поранешен дипломат на Србија.
„Оваа средба може да биде корисна. Ако српското лидерство сака да го зачува мирот, може да го искористат состанокот како излезна стратегија и да запрат со политиката која создава постојани тензии во регионот, не само во Косово, туку и во Црна Гора и Босна и Херцеговина“, вели Арбен Хајрулаху, политички аналитичар.
Во фокусот на Србија е безбедносната ситуација на северот на Косово, формирањето на Заедницата на српски општини, како и воспоставување на подобра комуникација и соработка со НАТО. За Приштина, приоритет е меѓусебното признавање со Белград. Тензиите на релација Белград-Приштина се зголемија откако косовските власти најавија мерки за промена на српските регистарски таблички и патни документи.
Маја С. Филдишев
