Јавен повик од ИПАРД програмата
Сите компании кои се заинтересирани за користење на парите од ИПАРД програмата ќе може да аплицираат на повикот кој ќе трае до 6-ти септември. Барањата можат да поднесат за поддршка на вложувањата во основни средства, и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба. Кофинансирањето е 50 проценти од вложените средства…

Платежната агенција го објави ИПАРД огласот за поддршка за инвестиции во основни средства и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба. Со овој јавен повик на земјоделците на располагање им се 5 милиони евра.
Прифатливи за кофинансирање од 50 проценти се трошоците за набавка на опрема и услуги, без трошоците за градежни работи.
Прифатливи инвестиции се и набавката на опрема за производство на енергија од обновливи извори и поставување или инсталирање на фотонапонски панели.
Потребната документација за подготовка и поднесување на барањата се објавени на веб-страницата на Агенцијата.
Целта на ИПАРД Програмата е преку соодветни мерки да се подобри конкурентноста на земјоделското и производството на храна, со усогласување со стандардите на Европската унија и економски развој на руралните средини.
Јавниот повик ќе трае до 6-ти септември, а крајниот рок за завршување на инвестицијата е до јуни 2023-та година.
Методија Трајков
