Кремљ предупредува-украинските сили утре ќе извршат голема воена акција во Запорожје
„Украинските сили утре ќе извршат голема воена акција во Запорожје, последиците ќе бидат катастрофални, за нив ќе нè обвинат нас“, предупреди руското министерство за одбрана. Во Лавов пристигна првиот човек на Обединетите нации. Безбедносната ситуација и извозот на жито главни теми на средбата со лидерот на Украина, Зеленски и шефот на турската држава Ердоган…

Киев тврди-руски проектили Искандер гранатираа населени места во Харков, погоден е студентски дом, има загинати.
„Нема оправдување за овој зол и циничен напад врз цивили, тој ја покажува немоќта на агресорот“, изјави претседателот на Украина, Зеленски. Неговиот советник Арестович, очекува кулминација на непријателскиот оган во Киев на 24-ти август, Денот на независноста. Москва, пак, предупреди – противничката страна уште утре ќе изврши акција од катастрофални размери.
„На 19-ти август, режимот на Киев подготвува голема провокација во нуклеарната централа во Запорожје за време на посетата на генералниот секретар на ОН, Гутереш. Како резултат на тоа, Русија ќе биде обвинета за катастрофа предизвикана од човек. Важно е да напомнеме дека руските трупи немаат тешко вооружување ниту на територијата на станицата ни во околните области. Таму се распоредени само безбедносни единици“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
„Украинските дипломати, нашите научници и МААЕ се во постојан контакт, сега работат на мисијата за нуклеарната централа во Запорожје. Само целосно транспарентна и контролирана ситуацијата во и околу објектот е гаранција за постепено враќање во нормалната безбедност за украинската држава, меѓународната заедница и МААЕ“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во Лавов допатува генералниот секретар на ОН, Гутереш на средби со државниот врв на Украина и турскиот претседател Ердоган. Тема на состанокот е договорот за извоз на жито. В петок оди во Одеса, едно од трите пристаништа, а потоа заминува во Турција.
Според ОН, од 1-ви до 15-ти август, 21 превозник на големо добил одобрение за испловување.
Маја С. Филдишев
