Од наредната година поливалентни вакцини за македонските деца
Ќе се воведуваат 2 нови вакцини, како и поливалентни, за кои веќе се подготвува тендер за набавка. Надлежните гарантираат за квалитетот и безбедноста и апелираат да не се бојкотира вакцинацијата која засега е со висок процент од над 95 % опфатност. Доказ за неопходноста е последната епидемија на мали сипаници од кои досега има 77 заболени, повеќето невакцинирани. 13 случаи се пријавени за последниве 5 дена...

Од 2015 се воведуваат поливалентните вакцини,што значи дека дечињата наместо неколку пати за повеќе вакцини од календарот за имунизација, ќе ги добијат наеднаш со едно боцкање.
„Министерството за здравство веќе се информира кај компаниите производители и наскоро ќе распише тендер за набавка“, вели Јованка Костовска од Секторот за превентивна заштита при Министерството за здравство.
Готови поливалентни вакцини нема, затоа треба навреме да резервираме. Веднаш што ќе заврши процедурата, ќе бидат воведени во календарот на имунизација.Тоа важи и за трите нови вакцини кои се планирани до 2020 година со стратегијата за имунизација.
„Во 2017 ќе се воведе вакцината против стрептококус пнеумоние, во 2020 против рота вирусот. Тоа се скапи вакцини,но тоа не значи дека ќе чекаме до предвидениот рок. Ако ги набавиме, ќе почнеме и порано“, вели Костовска.
Таа потенцираше дека имунизацијата е најисплатлива мерка за заштита,поединешно и колективно.
Во светот годишно умираат по 3 милиони луѓе од болести коишто можат да се превенираат со вакцинација, а од нив 1 ипол милион се деца. Затоа не треба да дозволиме да ни се вратат веќе искоренетите болести кои што заборавивме и како изгледаат, како на пример дифтерија, детска парализа, маларија, вели Костовска.
Таа посочи дека родителите ќе бидат одговорни за последиците од кои може да страдаат нивните деца ако се лекуваат со традиционални лекови или хомеопатија за да ги заштитат своите деца, зашто детската парализа и дифтеријата не можа да се спречат со тоа. Има и казнети родители,но поентата не е во казнувањето, туку дека децата се жртви на кои им е загрозено здравјето или животот.
Доцент д-р Александра Гроздановска од Фармацевтскиот факултет уште еднаш потврди дека вакцините што се употребуваат во Македонија се максимално безбедни и квалитетни и за да дојдат кај нас основен услов е да се користат во повеќето европски земји. Таа изјави дека последниве неколку години откако се пријавуваат несакани ефекти, нема пријавено ниту регистрирано ниеден посериозен нус ефект.
Директорката на Здравствен дом Скопје, д-р Татјана Баевска-Вучковиќ вели дека опфатот на вакцинација е најголем во Скопје -55 илјади вакцинирани деца минатата година и е во рамките на републичкиот просек од 95%. Поради епидемијата на морбили, со прочешлувањето на имунизационите картони, пронајдени се 980 невакцинирани лица од кои дополнително се вакцинирани 915.
Д-р Лилјана Лазаревска од скопскиот Центар за јавно здравје изјави дека за последниве 5 дена во 9 општини има 13 новозаболени од мали сипаници.10 се хоспитализирани на клиника.Вкупниот број од 6 јануари сега е 77 лица.
Повеќето од нив се невакцинирани лица, вакцинирани само со една доза, или пак дечиња на помала возраст коишто не подлежат на вакцинација за вакцината МРП (морбили,рубеола,пертусис).
Овие изјави надлежните ги дадоа на стручниот состанок одржан во пресрет на Европската недела за имунизација која ќе се одбележува од 22 до 26 април.
Соња Стојановска
