Јубилеј

Армијата- три децении кохезивна сила во општеството

18.08.2022 14:12

Три децении Македонска армија-чувар на интегритетот и безбедноста, оружена сила на земја-членка на НАТО. Денес армијата е кохезивна сила во општеството, порача претседателот Пендаровски. Наша обврска е да продолжиме по патот на илинденците и борците во НОБ, но и да градиме систем, подготвен да одговори на сите предизвици, дел од обраќањата на Петровска и генерал Ѓурчиновски. На свеченоста дефиле на армиските ешалони, доделени ордени и унапредувања…

Триесет години Македонска армија, чувар на безбедноста и суверенитетот, вооружена сила рамо до рамо со армиите на НАТО. Армијата го продолжува континуитетот на идеалите од ’903-та, преку 1944-та и ’91-та година. Преку учеството во странските мисии и членството во Алијансата, станавме извозник на безбедност. Градиме високопрофесионална и добро обучена Армија, како гарант на мирот и стабилноста. Претседателот и врховен командант со порака до армиските припадници-уверен сум дека ќе продолжите да бидете стожер на општеството.

Денес Армијата е една од најсветлите точки на македонското современо општество и гордост на државата. Резултатите не се случајни ниту пак се стекнати преку ноќ. Потребни беа долги години работа, голем влог и посветеност на сите нејзини припадници. Секогаш ќе работиме во интерес на граѓаните и за справување со безбедносните предизвици, порача првиот човек на Генералштабот.

Наша обврска е да останеме кредибилен партнер на НАТО, рече министерката за одбрана.

Претседателот Пендаровски со орден за воени заслуги ги одликува Трајан Гоцевски, прв министер за одбрана, Организацијата на резервни офицери и логистичката база. Во бригаден генерал беше унапреден досегашниот командант на првата пешадиска бригада, полковник Сашко Лафчиски, а командувањето го презема неговиот заменик полковник Васко Коколански.

Министерката Петровска на командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт му врачи признание за досегашната поддршка и соработка. Јубилејната свеченост се реализира со свечено дефиле на армиски ешалони и со прелет на воени хеликоптери.

Милчо Велески