Битола: Започна демонтажата на лимените гаражи во строгиот центар на градот
Мирниот протест на седумдесетте домаќинства од станбениот комплекс зад некогашниот ЈАТ не помогна. Битолската локална самоуправа со асистенција на полицијата рано изутрината започна со демонтажа на лимените гаражи. Граѓаните се плашат дека тука може да никне катна гаража и дека сето ова се прави без соодветна документација.

И покрај двочасовните објаснувања и убедувања седумдесетте домаќинства од станбениот комплекс зад некогашното претставништво на ЈАТ не успееја да го спречат или привремено одложат демонтирањето на лимените гаражи. Револтот на станарите, како што велат, се должи на тоа што Општината сè уште не им покажала идеен проект и сообраќајно решение. Тие се плашат дека тука ќе никне катна гаража која е предвидена со досегашниот детален урбанистички план, а тоа ќе им донесе низа сообраќајни и еколошки проблеми.
Одговорот на градоначалникот Коњановски беше дека во тек е изработката на идејното сообраќајно решение со цврсто ветување пред медиумите дека на овој простор нема да никне катна гаража туку партерно ќе се уредува.
Коњановски најави дека и во следниот период ќе следи отстранување на ваквите нелегални времени објекти и од другите делови од градот, бидејќи уште во мај месец, советот донел одлука да се ослободат узурпираните јавни површини.
Стевче Митревски
