Македонија

Пецаков: Локалната самоуправа ќе го организира Охридскиот пливачки маратон

18.08.2022 15:17

Ќе направиме сѐ што е во наша моќ оваа година да го организираме Охридскиот пливачки маратон за оваа традиција да не згасне. Ова по координативниот состанок со претставниците на пливачките клубови од Охрид го изјави градоначалникот Кирил Пецаков. Не можам да сфатам како е можно да се доведеме во оваа состојба, сѐ да помине со едно соопштение од претседателот на државата во кое се вели дека маратонот нема да се одржи поради блокирана сметка на пливачката федерација, рече Пецаков. Најголем проблем ќе биде да се обезбедат пливачи, бидејќи поканите се испраќаат еден месец однапред,а ние ги испративме вчера, рече тој...

Со несериозниот однос кон светска манифестација како што е Охридскиот пливачки маратон таа се уништува и како локална самоуправа ќе мора да ја преземеме одговорноста за неговата организација. Ова на денешната прес-конференција го рече градоначалникот на Охрид,Кирил Пецакој,кој посочи дека со штурото соопштените на Претседателот Стево Пендароски ќе се отвори Пандорината кутија,бидејќи во нашата држава има две пливачки федерации кои имаат различни интереси.

„Општина Охрид ќе мора посериозно да ги преземе работите,односно не посериозно,да ги земе како главен организатор на настанот затоа што досега бил под капата на претседателот на Република Македонија. Ние секако ќе го поканиме да биде покровител и наредната година како и државните институции,бидејќи тоа е настан од државен интерес,меѓутоа главната организација,главниот начин врз основа на кој што треба овој маратон да се одвива ќе гледаме да го преземаме општина Охрид и охридските клубови“, изјави Кирил Пецаков - градоначалник на Охрид.

Ултра серијата на маратони каде што беше охридскиот под капата на ФИНА повеќе не постои што значи дека охридскиот маратон остана приказна која што треба сами да ја направиме,велат од охридските пливачки клубови. Тие се подготвени за кус период да го организираат маратонот,но проблем е тоа што поканите до маратонците се упатени вчера,а во нивните одговори тие прашуваат дали ќе има награден фонд,бидејќи во последните две години наградите не се исплаќале.

„Охридски бранови има свои реквизити за старт, патека, цел, луѓе со кои соработуваме години, пловни објекти, глисери, судии,целта да се подготви. Значи за се имаме луѓе,ние за 24 сати како клуб со Црвен Крст можеме да го стокмиме маратонот“, вели Кочо Паскали, претседател на ПВК „Охридски бранови“.

Градоначалникот Пецаков најави ќе има средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски за да се види на кој начин можат да помогнат, а ќе побара и подршка од најдобрите македонски маратонци Томи Стефаноски и Евгениј Поп Ацев за да ги поканат своите колеги да дојдат во Охрид.

 

Сашо Нелоски