Македонија

Бугарско МНР: Комисијата за историски прашања да продолжи со работа

18.08.2022 16:30

Бугарското МНР ја охрабрува мешовитата историска комисија, да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја. Оценуваат дека првите чекори со објавувањето на препораките на историската комисија се охрабрувачки за враќање на меѓусебната доверба…

Бугарското МНР брифираше дека заеднички со македонското МНР се договориле да ги објават усвоените препораки на историската комисија од 2019-та година во рокот од две години, кои се однесуваат на заедничкото чествување на петте историски личности: Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил, како и корекција на бугарскиот учебник за 5-то одделение и македонскиот за 6-то одделение.

„Бугарското МНР ја охрабрува мешовитата историска комисија, да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја што е можно побрзо и да ги објави во јавноста во двете држави. На состанокот за протоколот на 17-ти јули од бугарската и македонската страна се договоривме за механизам за објавување на сите резултати од работата на мешовитата историска и образовна комисија“, изјави Костадин Коджабашев, заменик министер за надворешни работи на Бугарија.

Бугарското МНР оценува дека првите чекори со објавувањето на препораките на историската комисија се охрабрувачки за враќање на меѓусебната доверба.

„На 17-ти јули оваа година почнавме процес на воспоставување на довербата која Република Бугарија ја беше загубила кон Република Северна Македонија. Тој пат што ни претстои нема да биде лесен и краток. Довербата се враќа бавно. Но, првите чекори се охрабрувачки и на нив гледаме како на начин, двете страни да ги исполнат преземените обврски. Се надеваме дека тоа ќе продолжи. Ние и Република Северна Македонија имаме интерес да имаме блиски соседски односи и во иднина и во рамките на Европската унија“, изјави Жираст Радуков, од бугарското МНР.

Бугарските дипломати соопштија дека внимателно ги следат реакциите во македонската јавност по објавените препораки и истакнаа – свесни дека во земјава има поделеност на две страни, првата за евроинтеграција и втората против неа.

Ирина Гелевска