Култура

Концерт во чест на Александар Џамбазов на „Охридско лето“

19.08.2022 10:24

Како солисти на концерот ќе настапат пијанистот Бобан Мирковски, сопранот Наде Талевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, а ќе се изведат познати композиции на маестро Џамбазов под диригентската палка на Љупчо Мирковски...

Вечерва во спомен на маестро Александар Џамбазов, во рамките на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“, ревискиот оркестар со диригентот Љупчо Мирковски на сцената Долни Сарај ќе одржи концерт насловен „Музиката на Александар Џамбазов“.

Како солисти на концерот ќе настапат пијанистот Бобан Мирковски, сопранот Наде Талевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, а ќе се изведат познати композиции на маестро Џамбазов под диригентската палка на Љупчо Мирковски.

Маестро Александар Џамбазов еден од најпознатите и најплодните македонски композитори и диригенти почина во јануари оваа година. Неговиот авторски потпис е ставен на голем број популарни мелодии кои денес се вбројуваат во најубавите македонски евергрини, автор е на сценска и филмска музика, детски песни, дела од класичната музика и хорски композиции, но во истовреме ј беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот на детски песни „Златно славејче“.

Низ својата професионална кариера е добитник на голем број награди од стручната фела.

Овој концерт посветен на маестро Александар Џамбазов предходи на утрешното свечено затворање на годинешното 62-ро фестивалско издание. Фестивалот свечено ќе биде затворен со театарската претстава „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенско драмско позориште-Белград, Србија.