Струга

Зголемена наплатата на туристичка такса, но сè уште има затајувачи

22.08.2022 13:05

Расте наплатата на туристичка такса во Струга, но сè уште има затајувачи и диви станодавци. Лани општината инкасирала околу 3,5 милиони денари. Глобата за непочитување на обврската за правните лица се движи од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност, додека за физичките лица е пропишана казна од 600 евра…

Се зголемува наплатата на туристичка такса во Струга. За разлика од минатите години кога голем број хотели и приватни станодавци ја затајуваа оваа давачка, наплатата расте. Само лани од туристичка такса Струга инкасирала околу 60 илјади евра.

Но, сè уште има станодавци и хотели, кои нецелосно ги пријавуваат гостите. Од општината велат го спроведуваат законот со засилени инспекциски контроли.

„Можам да кажам дека за 2021 година, бидејќи сега сме сè уште во ек на сезона и немаме крајни резултати за оваа година, но за лани може да кажеме дека се собрани над 3,5 милиони денари и секако сите беа наменети за програмата за туризам за општина Струга, затоа се трудиме секоја година да имаме подобра понуда“, вели Беса Зиба, портпарол на општина Струга.

Иста туристичка такса во износ од 40 денари по лице на ден плаќаат и големите хотели и апартманите во земјава. Има приватни станодавци кои не се категоризирани и на диво сместуваат гости без да плаќаат никакви давачки.

„На територијата на општина Струга се категоризирани 120 приватни станодавци, кои нудат услуги за сместување на туристи и процесот на категоризација продолжува. Ако има интерес има екипа која врши категоризација според потребите“, додава Зиба.

Според Законот за такса за привремен престој, сместувачите се должни да платат туристичка такса по лице за остварено ноќевање. Глобата за непочитување на обврската за правните лица се движи од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност, додека за физичките лица е пропишана казна од 600 евра.

Соња Рилковска