Загриженост за случувањата во Запорожје
Нуклеарната централа во Запорожје и опасноста од катастрофа со огромни размери во фокусот на разговорите на украинскиот претседател Зеленски со неговиот турски колега Ердоган и со генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш во Лавив...

Нуклеарната централа во Запорожје и опасноста од катастрофа со огромни размери во фокусот на разговорите на украинскиот претседател Зеленски со неговиот турски колега Ердоган и со генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш во Лавив. Првиот човек на светската организација повика на итна демилитаризација на зоната околу нуклеарката. Предупреди дека оштетувањето на нуклеарката би било самоубиствено. Москва го одби предлогот на Гутереш. Кремљ тврди дека тоа ќе ја направи нуклеарката поранлива.
„Останувам сериозно загрижен за ситуацијата во и околу најголемата европска нуклеарна централа во Запорожје. Мора да надвладее здравиот разум за да се избегнат какви било активности кои можат да го загрозат физичкиот интегритет и безбедноста на нуклеарната централа. И објектот не смее да се користи како дел од каква било воена операција. Наместо тоа, договорот е итно потребен за повторно воспоставување на Запорожје како чисто цивилна инфраструктура и за обезбедување на безбедноста на оваа област“, изјави Гутереш.
Украинскиот претседател Зеленски даде зелено светло пристигнување на тимовите на меѓународната атомска заедница во нуклеарната центра.
„Нема објективни пречки да се спречи мисијата на МААЕ да стигне до нуклеарната централа Запорожје. Денес, г-дин Гутереш и јас разговаравме за параметрите на оваа мисија и за фактот дека таа може да добие до нуклеарката многу брзо и сосема безбедно на легален начин преку слободната територија на нашата држава“, нагласи Зеленски.
И турскиот претседател Ердоган на трилатералната средба изрази загриженост поради состојбата околу нуклеарката во Запорожје. Истакна дека Турција прави напори за прекин на конфликтот преку дипломатско решение, а во меѓувреме останува на страната на украинските пријатели.
„Ја изразив загриженоста за судирите што се случуваат околу нуклеарната централа Запорожје. Не сакаме да доживееме уште еден Чернобил“, рече Ердоган.
Речиси шест месеци од почетокот на војната во Украина, продолжуваат жестоките борби во Доњецк, Харков и Херсон. Украинскиот претседател Зеленски на состанокот истакна дека преговори со Москва се можни, само доколку руските сили се повлечат од украинска територија. Киев обвинува дека руските сили напаѓаат цивили, јавуваат за десетици загинати во завојуваните региони. На Крим повторно експлозии. Регистрирани се најмалку четири во близина аеродромот Белбек и на пристанишниот град Севастопол.
Маја Стојанова
