Русковска: Мојата суспензија е суспендирање на правото и правдата
„Ова не го сметам за моја суспензија туку за суспензија на правото и суспендирање на правдата“-вели обвинителката Вилма Русковска откако ја поднесе жалбата до Советот за јавни обвинители. Не сака да верува дека во нејзиниот случај има политика. Тврди дека постапувала законски и оти нема никакви пропусти при водењето на двата предмети коишто се во предистрага за Управата за финансиска полиција и за станицата за технички преглед за автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија…

Мојата суспензија е суспендирање на правото и правдата-се огласи обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска откако ја поднесе жалбата до Советот на обвинители. Во неа ги побива сите наводи во решението на државниот обвинител Јовески, но сепак не сакаше да обелодени што конкретно содржи жалбата.
Сега истрагата за Финансиската полиција е стопирана, како и испрашувањата на сведоци. Баравме 250-300 предмети од Финансиска, добивме 30-тина кои не ги баравме-посочи Русковска. Исто како и истрагата за станицата за технички преглед која го контролирала автобусот на „Беса транс“.
„Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, ова го сметам за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, после ова мене што ми се случи, не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“, изјави Русковска.
Русковска не верува дека политиката ги замешала прстите во нејзиниот случај, но сепак не ја отфрла можноста за такво нешто.
„Искрено, како обвинител, не сакам да поверувам во такво нешто“, рече Русковска.
Откако обвинителката Русковска истакна дека од Управата за финансиска полиција сè уште не ги доставиле бараните предмети, стигна реакција од Управата. Со наредбата за претрес и барањето за податоци, од Управата за финансиска полиција се бараат сите анонимни кривични пријави доставени од 2018-та година до денот на претресот. Невистинити се изјавите на обвинителката дека од Управата за финансиска полиција барала конкретни 300 предмети и дека и се доставени само 30-тина, кои таа не ги ни барала, стои во реакцијата.
Републичкиот обвинител Јовески поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност уште за двајца обвинители поради сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка. Сега Советот на јавни обвинители треба во рок од осум дена да донесе одлука по поднесената жалба од Русковска.
Миле Ристески
