Стотина научници против препораките на македонско-бугарската комисија
Стотина македонски научници и истражувачи ги отфрлаат препораките за заедничко одбележување историски личности со Бугарија што ги договори Мешовитата комисија. Велат дека се ревидира македонската и регионалната балканска историја на начин кој има политички претекст поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност. Според нив, политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки претставува повреда на парадигмата на хуманистичките науки…

Стотина македонски научници со индигнација ги отфрлаат препораките на заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Сметаат дека тие се псевдонаучни, а во заедничка изјава објаснија и зошто.
-„Препораките“ го игнорираат фактот дека „историското право“ не е призната категорија во меѓународното право, па следствено – за историските прашања не се валидни политичките спорови и договори. „Препораките“ ја интерпретираат, па и ја ревидираат македонската и регионалната балканска историја на начин кој има политички претекст, поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност, се вели во изјавата.
Понатаму во изјавата стои дека политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско – македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки.
-Во контекст на македонската историја, Македонија може и треба да се проучува, културолошки, тематски и методолошки, на повеќе начини: како територија (геополитички), како држава, како нација која има свој сопствен развоен културен и политички континуум – од етнос до македонска политичка нација и признат меѓународно правен субјект. Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување, се вели во потпишаниот документ.
Потписниците завршуваат дека поради сето ова, препораките ги сметаат за ништовни и нерелевантни за нивната понатамошна научно-истражувачка дејност. Македонскиот тим во заедничката историска комисија писмено објасни дека со клевети, манипулации и исполитизирана реторика неосновано се обвинува за наводна бугаризација и национално предавство на историските вредности. Наведоа дека најголемата лага е оти текстовите со кои се препорачува заедничко чествување ќе бидат применети во образовниот систем.
Катерина Топалова
