По пеколните температури, невреме на европскиот континент
По сушата и пеколните температури, делови од европскиот континент се соочуваат со смртоносно невреме. Жртви и повредени се пријавени во неколку земји. Повеќето, меѓу кои има и деца, настрадале од удар на дрво. Во Франција измерен ветер со брзина и над 225 километри на час...

Австриските власти објавија дека пет лица, меѓу кои две девојчиња, загинале во силно невреме. Жртвите настрадале од удар на дрвја во близина на Грац. Повредени се 13 лица.
„Вчера имавме десетминутна апокалипса. Се виткаа бандери, уништени се ресторани и градини. Добивме многу повици во истовреме, но спасувачките единици работеа најдобро што можат“, изјави Петер Кох, градоначалник на Брук ан Дер Мур.
„Ова е вонредна ситуација каква што не сме доживеале досега. Одеднаш околу 200 илјади домаќинства останаа без електрична енергија“, изјави Михаел Маркец, директор на компанија за електродистрибуција.
„Прв пат се соочувам со вакво нешто. Се создаде бура, погледнав низ прозорецот и нешто силно одекна и се урна покривот“.
Невреме со жртви и во Франција и Италија. На Корзика загинаа петмина.
„Поддршка и сочувство до семејствата, особено до фамилиите на туристите кои настрадаа во невремето. Во овој ужасен метеоролошки настан се повредени 20 луѓе, четворица се во сериозна состојба“, изјави министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин.
Предупредувањето за невремето стигна во последен миг. Задоцнувањето предизвика лавина критика во јавноста. Метеоролошката агенција на Франција признава дека била затекната од ситуацијата.
„Два часа претходно, гледаме дека е важна сигнализацијата од радарот, и се сомневаме дека феноменот е силен и дека ќе стигне на Корзика. Во однос на предвидувањето, точно е дека требаше да знаат однапред“, рече Николас ле Фиант, прогнозер.
„Стануваме подобри во прогнозите на овие феномени, но понекогаш моделите прават грешки бидејќи не ги претставуваат доволно прецизно овие локализирани појави“, вели Франсоа Гуранд инженер, Метеоролошката агенција на Франција.
Брзината на ветерот надмина 225 км/ч.
Маја С. Филдишев
