Охрид: Започна јубилејната 55. Летна школа за македонски јазик, литература и култура
„Чекориме исправено по стапките на Конески. Колку се посилни нападите, толку повеќе ќе го негуваме и развиваме македонскиот јазик“, пораки од јубилејната 55. Летна школа. Од година на година, бројот на учесници се зголемува...

Ние треба да изградиме национална стратегија за зачувување на македонскиот јазик, но и без тоа ставовите кои доаѓаат од Бугарија за мене ништо не значат, затоа што јас сум македонист и знам од каде тој произлегол, рече на отворањето на 55 издание на Летната школа за македонски јазик литература и култура директорката проф. Д-р Весна Мојсова Чепишевска. Тој јазик се зборувал со векови наназад и имал своја литература и култура којашто се развивала и во 19 век. Затоа можат да кажат што сакаат, но битно е дека македонскиот јазик постои и е различен од бугарскиот.
„Може тие да зборуваат, да не оспоруваат, јас сум го кажала тоа, но ние мораме да чекориме по оние чекори што ни ги остави да ги чекориме Блаже Конески. Значи еден јазик којшто се конституирал, којшто се стандардизирал, нели не се стандардизира туку така, туку имал основа. За мене народниот јазик, дијалектите, народните говори се најголемото богатство што го имаме и од таму потоа се случила таа стандардизација“, посочи проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска-директор на Летната школа за македонски јазик, литература и култура.
„Чекориме исправено по стапките на Конески и колку се посилни нападите и колку се пониски навредите упатени на македонскиот јазик, литература и култура толку сме поисправени, како високообразовна и научна институција“, порача проф. д-р Никола Јанкуловски-ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје.
„Секогаш кога Македонија сака да направи чекор напред нападите се засилуваат кон нас, меѓутоа мислам дека тоа не треба ниту да не плаши ниту премногу да не возбудува, затоа што ние имаме цврсти темели, имаме многувековна историја и покрај тоа што непријателите тврдат дека ни е кратка историјата. Ние си ја знаеме дека е многувековна и се бориме тоа да го докажеме во светот. Еве и овој меѓународен семинар потврдува дека имаме поддршка ширум светот“, изјави проф. д-р Максим Каранфиловски-професор по македонски јазик.
Учесниците на Летната школа не само што ја шират македонистиката во нивните образовни центри, туку се и најголемите амбасадори на македонскиот јазик во светот. За нив е неприфатливо однесувањето на бугарските образовни и научни кругови.
„Ги оценувам како многу подли, затоа што како може некој од страна да дојде и да каже дека луѓето тука зборуваат некој друг јазик. Значи Македонците ако велат дека зборуваат македонски што има бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски. Се разликува многу, многу и граматички и лексички, така што не знам од каде воопшто идејата дека тоа би можело да е ист јазик“, истакна Соња Должан, македонист од Словенија.
На семинарот беше речено дека сè додека има говорници на еден јазик тој ќе постои. Сè додека постоиме и говориме македонски ниту една негација не ќе може да ја покрие вистината.
Сашо Нелоски
