Драматично полуфинале, Металург и Работнички ќе играат за пехарот
Кога се игра за Купот, возбудувањата се неодминливи.! Металург и Работнички ќе бидат актерите на 22-то финале на Купот на Македонија , закажано за 7-ми мај во Скопје.

Со многу напор стигнаа до завршниот натпревар!
Од фудбалската драма во Штип со пенал-рулетот како доплнителен чин, Работнички излезе како победник. Во 90-те реванш-минути Брегалница со головите на Аксентиев во 27-та и на Митров во 83-та минута ја анулира предноста на Работнички со 2:0 од првиот натпревар. Во додатното натпреварување од белата точка, Работнички беше подобар со 5:4.
Со голема резултатска неизвесност беше обвиено и полуфиналето во Скопје меѓу Металург и Тетекс. До 80-та минута беше 0:0, резултат постигнат на првиот натпревар. Малата доминантност на теренот Металург ја реализира десет минути пред крај со голот на Симоновски.
Работнички, петти пат ќе игра во финалето од Купот на Македонија, Металург втор пат ќе биде учесник на завршниот натпревар. Прв пат меѓу себе екипите од скопското соседство ќе се борат за пехарот на ФФМ.
